Скопската зоолошка градина е во процес на модернизација со низа активности насочени кон подобрување на условите за животните, посетителите и вработените, информираше градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека ЗОО Скопје е место каде со децении растеле генерации скопјани, создавајќи спомени и развивајќи љубов кон природата и животните, поради што, како што нагласи, главната цел е создавање современа зоолошка градина со повисоки стандарди.
„Скопје заслужува Зоолошка градина со која ќе се гордее, а животните заслужуваат квалитетни услови, стручна грижа и достоинствен третман“, изјави Ѓорѓиевски.
Во рамки на досегашните активности, како што информираше тој, се извршени замени на кровови, поставени се нови огради кај лавовите и дополнителни заштитни огради на повеќе локации.
Паралелно со тоа, изграден е и моторички парк за најмладите посетители, а се обновува и просторот пред влезот во Зоолошката градина.
Од Град Скопје најавуваат дека процесот на унапредување ќе продолжи и со збогатување на животинскиот фонд со нови видови, за кои ќе бидат обезбедени соодветни живеалишта и услови прилагодени на нивните потреби.
„Работиме ЗОО Скопје да прерасне во водечки центар за едукација, заштита на природата и хуман третман на животните“, порача градоначалникот.
Ѓорѓиевски им се заблагодари на вработените и раководството на Зоолошката градина за нивниот ангажман и посветеност, нагласувајќи дека обновата продолжува во годината кога оваа институција одбележува 100 години постоење.
„Заедно ја градиме иднината на ЗОО Скопје, со цел да биде една од најдобрите зоолошки градини на овие простори“, порача Ѓорѓиевски.
