Цените на нафтата на светските берзи веќе подолг период се во пад, а тоа се одразува и врз пониските цени на горивата во Македонија. Но, ако ги прашате граѓаните, во маркетите како да не слушнале дека енергенсите поевтинија. Производите што поскапеа кога горивата беа скапи, и понатаму остануваат со истите високи цени. Изгледа дека кај трговците правилото е едноставно – кога горивото поскапува, цените веднаш одат нагоре, а кога поевтинува, сите одеднаш забораваат дека трошоците им се намалиле.
Токму затоа е добро што Владата најавува поцврста контрола и дисциплинирање на пазарот. Премиерот Христијан Мицкоски порача дека нема да се дозволи неосновано богатење на грбот на граѓаните и дека институциите ќе реагираат таму каде што ќе се утврдат неправилности. Тоа е чекор што заслужува поддршка, бидејќи пазарна економија не значи и право некој неосновано да ги зголемува цените кога му одговара.
Граѓаните имаат право да ги почувствуваат придобивките кога трошоците за транспорт и енергија се намалуваат. Ако маркетите брзо ги пресметуваат поскапувањата, тогаш треба со иста брзина да ги пресметуваат и поевтинувањата. Во спротивно, впечатокот останува дека профитот повторно е поважен од стандардот на граѓаните. Затоа контролите треба да продолжат, а таму каде што ќе се утврдат злоупотреби, да следуваат и соодветни санкции. Само така ќе се воспостави фер однос кон потрошувачите, кои не смеат секогаш да бидат тие што ја плаќаат највисоката цена.
