Црвена звезда славеше со 2:1 против Партизан во јубилејното 180. вечно дерби, иако гостите поведоа со најбрзиот гол во историјата на дуелите меѓу двата најголеми српски клуба. Одличен настап за „црвено-белите“ имаше новиот македонски репрезентативец Матеј Гаштаров, кој изнуди пенал од кој беше постигнат победничкиот погодок.
Партизан шокантно поведе уште во 50. секунда од натпреварот. По продорот на Сек и одбиената топка од голманот Матеус, Же најдобро се снајде и ја затресе мрежата за 0:1.
Сепак, водството на гостите беше краткотрајно. Црвена звезда брзо воспостави контрола врз играта, а по неколку пропуштени можности, израмнувањето пристигна во 18. минута. Мирко Иваниќ асистираше, а Бамба Дијенг сигурно реализираше за 1:1.
Пресвртот беше комплетиран десет минути подоцна. Матеј Гаштаров беше соборен во шеснаесетникот на Партизан, а по интервенција на ВАР, судијата покажа на белата точка. Мирко Иваниќ беше прецизен од пенал и донесе водство од 2:1 за домаќините.
Во второто полувреме Партизан се обиде да стигне до израмнување и создаде неколку добри можности. Вукотиќ ја погоди пречката, Самсон шутираше директно во голманот Матеус, а во самиот финиш Же не успеа да ја искористи шансата по додавањето на Алексиќ.
Црвена звезда можеше и порано да ја потврди победата, но Букари и Балов не ги реализираа своите можности, па резултатот остана непроменет до крајот.
По натпреварот, македонскиот репрезентативец Матеј Гаштаров не го криеше задоволството од триумфот.
„Нема ништо подобро од победа во вечното дерби. Игравме храбро и мотивирано. Навистина сум среќен за моето прво дерби. Им благодарам на навивачите што дојдоа во голем број. Најважно е што победивме“, изјави Гаштаров.
