Финска, која девет години по ред е на врвот на листите за најсреќна земја во светот, се соочува со сериозни економски предизвици што би можеле да ја променат сликата за нејзиниот модел на социјална држава.
Во пресрет на парламентарните избори во април 2027 година, една од главните теми во земјата ќе биде како да се намали притисокот врз јавните финансии и кои сектори ќе бидат најмногу погодени од најавените мерки за штедење.
Јавниот долг на Финска во вториот квартал од 2026 година достигнал 90,3 отсто од бруто-домашниот производ, што претставува значително зголемување во споредба со периодот пред пандемијата, кога изнесувал околу 65 отсто.
Дополнителен проблем претставува буџетскиот дефицит, кој годинава се очекува да достигне 4,2 отсто од БДП, над границата од три проценти утврдена со правилата на Европската Унија.
Владата предводена од премиерот Петери Орпо веќе најави заштеди од околу девет милијарди евра во текот на својот мандат, но економските експерти предупредуваат дека следната влада ќе мора да преземе уште поостри чекори и дополнителни кратења проценети на меѓу осум и 11 милијарди евра.
Најголемата неизвесност се однесува на јавните услуги, социјалните надоместоци и пензискиот систем. Здравството, социјалната заштита и јавниот сектор се меѓу областите каде што се очекуваат најтешките одлуки.
Ситуацијата дополнително ја отежнува состојбата на пазарот на трудот. Невработеноста во август изнесувала 10,3 отсто, додека кај младите достигнала 23,3 отсто, што е значително над просекот на Европската Унија од 15,4 отсто.
Финска се соочува и со дополнителни трошоци поради зголемените издвојувања за одбраната, повисоките енергетски трошоци, стареењето на населението и слабите стапки на економски раст.
Сепак, земјата и понатаму ја задржува довербата кај меѓународните инвеститори. Извозните сектори, особено металната индустрија и бродоградбата, покажуваат позитивни резултати и остануваат важен столб на финската економија.
Економистите предупредуваат дека прекумерните кратења би можеле да имаат негативен ефект врз потрошувачката на граѓаните и да го забават економското закрепнување.
Финска сега се наоѓа пред голем предизвик – како да го зачува моделот на силна социјална држава и висок животен стандард, додека истовремено се справува со растечки долг и ограничени буџетски можности.
