Дисциплинската комисија при Фудбалската федерација на Македонија отвори повеќе дисциплински постапки по финалниот натпревар од Купот на Македонија меѓу Силекс и Шкендија, врз основа на службените извештаи и официјалните информации од натпреварот.
Против Шкендија се поведени постапки поради непочитување на националната химна од страна на навивачите, употреба на голема количина пиротехнички средства, националистички скандирања, истакнување знамиња со недозволена и навредлива содржина, како и скандирања насочени кон ФФМ.
Дополнително, дисциплинска постапка е отворена и поради одбивањето на играчите и претставниците на клубот да ги примат медалите по завршувањето на финалето, како и поради нивното однесување за време на церемонијата на доделување.
Од друга страна, дисциплинска постапка е поведена и против Силекс поради националистички извици и употреба на пиротехнички средства од страна на навивачите.
Од ФФМ изразија сериозна загриженост поради случувањата на финалниот натпревар, оценувајќи дека одредени постапки не се во духот на спортот и го нарушуваат угледот на македонскиот фудбал.
Федерацијата нагласува дека натпреварот бил организиран според високи безбедносни и организациски стандарди, но дека дел од настаните на трибините и по завршувањето на средбата оставиле негативен впечаток.
Во соопштението се наведува дека одбивањето да се учествува во церемонијата за доделување медали претставува непочитување на официјалниот протокол, организаторот и противничкиот тим, како и омаловажување на спортскиот резултат.
ФФМ порача дека ќе продолжи доследно да ги санкционира сите форми на недолично однесување, без разлика на клубот или поединците кои се инволвирани.
