Дисциплинската комисија при Фудбалската федерација на Македонија донесе одлука со која изрече серија санкции за финалистите во Купот на Македонија, Силекс и Шкендија, како и за шампионот Вардар поради инциденти и недолично однесување.
Најстрого е казнета Шкендија, која е санкционирана со вкупна парична казна од 105.000 евра, како и со исклучување од натпреварувањето во Купот на Македонија за сезоната 2026/2027.
Од оваа сума, 30.000 евра се однесуваат на одбивањето на играчите да ги примат медалите на свечената церемонија, како и на непочитувачки однос кон официјалните лица и противничкиот тим. Дополнително, 15.000 евра се изречени поради употреба на пиротехника, 10.000 евра поради националистички скандирања и навредливи пораки, додека 20.000 евра се однесуваат на истакнување транспарент со нацистичка содржина, за што клубот веќе беше санкциониран и од УЕФА.
Покрај тоа, Шкендија доби и забрана за присуство на публика на следните четири домашни натпревари, поради непочитување на државната химна и дискриминаторско однесување за време на финалниот натпревар.
Освојувачот на Купот, Силекс, е казнет со 5.000 евра поради користење пиротехнички средства на финалето.
Шампионот Вардар ќе плати казна од 15.000 евра поради навредливо скандирање од страна на навивачите и несоодветна прослава на титулата од страна на фудбалерите. Против клубот е отворена и дополнителна постапка поради употреба на пиротехника на натпреварот од 33. коло против Шкендија.
ФФМ најави дека ќе продолжи со дисциплински мерки во насока на спречување на слични инциденти во иднина.
