Еурофарм Пелистер со победа го започна настапот во Регионалната ракометна лига, откако пред својата публика во Битола го совлада српскиот шампион Партизан со 35:31.
Битолчани уште од самиот почеток го наметнаа своето темпо, а капитенот Филип Кузмановски беше незапирлив во нападот. Домашниот тим постепено ја градеше предноста и на полувреме замина со убедливи 20:13.
Во вториот дел Еурофарм Пелистер во неколку наврати имаше и осум голови предност (23:15, 24:16 и 25:17), со што практично го реши победникот. Партизан во финишот само успеа да ја намали негативата преку Вагнер и Лумбросо, но не и сериозно да ја загрози победата на домаќинот.
Филип Кузмановски беше прво име на натпреварот со дури 15 постигнати голови, додека Граховац и Хенигман додадоа по четири. Кај Партизан, најефикасен беше Вагнер со 10 погодоци.
Еурофарм Пелистер и следните два натпревари ќе ги одигра пред домашната публика. На 26 август ќе го пречека црногорски Ловќен, а на 31 август ќе се соочи со српска Дубочица.
Во истата група настапува и Алкалоид, кој првиот натпревар во Регионалната лига ќе го одигра на 26 август во Автокоманда против Партизан.
Во Б групата, македонските претставници Вардар и Охрид веќе стартуваа со победи над Војводина.
