Европската Унија подготвува значително проширување на санкциите против Русија во наредните месеци, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас, во интервју за германскиот весник „Ди Велт“.
Калас истакна дека санкциите на Европската Унија досега сериозно ја погодиле руската воена економија и најави дека наесен ќе предложи најсеопфатен пакет санкции од почетокот на војната во Украина.
Според неа, доколку мерките бидат усвоени, бројот на санкционирани руски компании, организации и поединци ќе се зголеми за околу една третина.
„Притисокот врз Москва мора да продолжи и да се засилува сè додека Русија не ја запре војната“, порача Калас.
Таа не откри дополнителни детали за содржината и временската рамка на новиот пакет санкции.
Во јули Европската Унија го усвои последниот пакет санкции против Русија, со кој беа воведени нови ограничувања за рускиот банкарски сектор и криптовалутните мрежи.
