Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган присуствуваше на петочната молитва во Света Софија во Истанбул, по повод 573-годишнината од османлиското освојување на тогашниот Цариград.
По молитвата, Ердоган изјави дека атмосферата во Света Софија била исклучителна и дека големиот број верници му дале посебно значење на одбележувањето на овој историски датум.
„Денес имавме можност да се помолиме во Света Софија. Присуството беше навистина големо и величествено. Одржана беше и поворка од Фатих до Света Софија“, изјави турскиот претседател, алудирајќи на султанот Мехмед Втори Освојувачот, кој во 1453 година го освоил градот.
Освојувањето на Цариград на 29 мај 1453 година претставува еден од најзначајните настани во светската историја. Со падот на Византиската империја, градот станал престолнина на Отоманската империја, а денес во Турција овој датум се одбележува како историски симбол на османлиското наследство.
Света Софија, изградена во шестиот век за време на владеењето на византискиот император Јустинијан Први, со векови била една од најзначајните христијански цркви во светот. По османлиското освојување била претворена во џамија, а во 1934 година, по одлука на Мустафа Кемал Ататурк, добила статус на музеј.
Во 2020 година, по одлука на турските власти предводени од Ердоган, Света Софија повторно беше претворена во џамија, што предизвика бројни реакции и критики од меѓународната јавност, како и од христијанските верски заедници.
И покрај промените во нејзиниот статус низ историјата, Света Софија и понатаму останува дел од светското културно наследство под заштита на УНЕСКО и е една од најпосетуваните знаменитости во Турција.
