Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган упати остри критики за состојбата во Појасот Газа, оценувајќи дека палестинската енклава е претворена во „најголемиот концентрационен логор во светот“.
Говорејќи на Меѓународниот самит за правда во Истанбул, Ердоган изјави дека жителите на Газа веќе три години се изложени на, како што рече, постојани напади пред очите на светската јавност.
„Најважно од сѐ е што веќе три години, пред очите на целиот свет, луѓето во Газа се подложени на варварски убиства. Повеќе од 74.000 жители на Газа, од кои повеќето се жени и деца, се убиени“, изјави Ердоган.
Тој посочи дека во нападите биле уништени училишта, универзитети, болници и верски објекти, додавајќи дека илјадници деца останале без екстремитети или претрпеле тешки повреди.
Ердоган потсети и на примирјето што, според него, било постигнато минатата година со посредство на Турција, но оцени дека израелската страна повеќепати го прекршила договорот.
Според неговите тврдења, од стапувањето во сила на примирјето на 11 октомври 2025 година досега, во израелските напади загинале околу 1.500 Палестинци, а повеќе од 5.000 биле ранети.
Турскиот претседател се осврна и на состојбата на Западниот Брег, обвинувајќи за продолжување на нелегалните населувања и насилството, како и за обиди за промена на историскиот и правниот статус на светите места во Ерусалим.
На крајот од своето обраќање, Ердоган порача дека Турција ќе продолжи да се залага за заштита на правата на, како што рече, угнетените и обесправените ширум светот.
