Сериозен еколошки инцидент е регистриран во градот Љушња во Албанија, каде што илјадници риби угинале во акумулацијата Кашњети по испуштањето на водата поради реконструкција на браната.
Локалните медиуми јавуваат дека вештачкото езеро е прекриено со големи количества угината риба, додека околината ја зафатил силен и непријатен мирис. По повлекувањето на водата, на теренот останала кал, а мртвите риби пловат на површината.
Во расчистувањето на последиците се вклучила и албанската војска, додека со дронови се спроведува дезинфекција на водната површина за да се намали ризикот од ширење на зарази и други здравствени опасности.
Поради инцидентот, албанската полиција покренала истрага против 58-годишниот Фреди Мара, управител на компанијата ангажирана за реконструкција на браната.
Според првичните информации, компанијата не ги презела потребните мерки за управување со водостојот за време на градежните работи. Истражните органи испитуваат сомневања за уништување на природните живеалишта, како и за загадување на воздухот, водата и почвата.
