Светскиот тенор Хозе Карерас и македонските музички ѕвезди заедно ја изведоа „Едно име имаме“ пред преполниот Плоштад Македонија во Скопје. Заедничката изведба беше еден од најемотивните моменти на големиот концерт организиран по повод 35 години независност на Македонија.
Кога започна познатата песна, илјадниците граѓани на плоштадот се приклучија на изведувачите и просторот се претвори во голем хор. Публиката со овации ја проследи изведбата на Карерас и македонските музичари.
Светски познатиот тенор беше главна ѕвезда на концертната вечер во центарот на Скопје. Пред неговиот настап, на сцената се претставија повеќе познати македонски музички имиња, меѓу нив беа Влатко Стефановски, Каролина Гочева, Калиопи, Ана Дурловски, Игор Дурловски, Наум Петрески, Сузана Спасовска, Маја Оџаклиевска и Миле Кузмановски.
Македонските изведувачи настапија во придружба на Македонската филхармонија со повеќе од 60 музичари.
Првиот дел од концертот беше специјално подготвен за јубилејот со нови оркестрации и аранжмани на маестро Николче Мицевски.
Со Македонската филхармонија диригираше Сашо Татарчевски, по што сцената му припадна на Карерас и неговиот препознатлив репертоар.
