Најмалку две лица загинаа во руски воздушен напад врз Киев што се случи рано утрово, соопштија украинските власти. Жртвите биле пронајдени по пожар што избувнал во комплекс со гаражи, информира градоначалникот на украинската престолнина, Виталиј Кличко.
Во нападот биле оштетени повеќе објекти и магацини во градот, додека, според очевидци на Ројтерс, во текот на ноќта се слушнале повеќе силни експлозии.
Освен Киев, напади биле регистрирани и во други делови на Украина. Регионалните власти соопштија дека во Днипро бил погоден индустриски објект, во Запорожје била оштетена транспортна инфраструктура, а во Кременчук биле погодени станбени згради.
Новите воздушни напади се случуваат во петтата година од руската инвазија врз Украина, додека борбите и меѓусебните воздушни удари продолжуваат речиси секојдневно.
