Двајца странски државјани кои планинареле кон врвот Пирибег биле успешно спасени откако неповолните временски услови ги принудиле да побараат помош преку Единствениот број за итни повици 112.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека акцијата за спасување била реализирана во координација со Службата за пребарување и спасување во планина на Косово, поради полесниот пристап до местото каде што се наоѓале планинарите.
По направената проценка било утврдено дека од македонска страна пристапот е можен исклучиво пеш, а поради дождот, маглата и непристапниот терен, до локацијата би биле потребни повеќе од шест часа во еден правец. Хеликоптерска интервенција не била можна поради временските услови.
Од косовска страна, пак, постои пристапен пат од скијачкиот центар Брезовица до објектот каде што двајцата странци биле засолнети, поради што било одлучено спасувањето да се изврши преку Косово.
Веднаш по добивањето на пријавата, Регионалниот центар за управување со кризи – Тетово ги известил надлежните служби, а во текот на акцијата бил воспоставен и директен телефонски контакт со едно од лицата. Планинарите биле информирани дека спасувачка екипа од Косово е на пат кон нив.
Според информациите од косовската Служба за пребарување и спасување во планина, двајцата биле во добра здравствена состојба и во постојана комуникација со спасувачите.
Во 16:50 часот Центарот за управување со кризи добил потврда дека странските државјани се безбедно пронајдени и транспортирани кон Штрпце, во Република Косово.
