Меѓународниот аеродром во Дубаи, еден од најпрометните светски аеродроми ги суспендираше сите летови на неопределено време, по серијата ирански ракетни напади врз заливските арапски држави.
„Аеродромите во Дубаи потврдуваат дека сите летачки операции на аеродромот Dubai International (DXB) и Dubai World Central – Al Maktoum International (DWC) се суспендирани до понатамошно известување. На патниците им се советува засега да не патуваат кон аеродромот и за најнови информации за своите летови директно да се обратат до своите авиокомпании“, се наведува во соопштението од аеродромските управи.
До затворањето на аердромите доаѓа во услови на остро заострување на конфликтот на Блискиот Исток, поттикнато од заедничките американски и израелски воени удари врз ирански цели. Иран возврати со балистички ракетни напади врз американски воени објекти и сојузнички локации низ регионот на Заливот.
Експлозии одекнаа во неколку заливски престолнини, вклучувајќи ги Абу Даби, Дубаи, Доха, Ријад и Манама.
Во Обединетите Арапски Емирати, системите за противвоздушна одбрана пресретнале повеќе доаѓачки проектили, а остатоци при падот усмртиле најмалку еден цивил во Абу Даби, соопшти Министерството за одбрана на ОАЕ.
Сведоци во Дубаи пријавиле силни експлозии кои ги затресле прозорците, а некои опишале проектили видливи како го параат небото. Нападите биле насочени кон локации каде што се стационирани американски сили, како што се воздухопловната база Ал Дафра во ОАЕ, воздухопловната база Ал Удеид во Катар – најголемиот американски воен објект во регионот – како и седиштето на Петтата флота на САД во бахреинската област Џуфаир, каде што биле забележани столбови од чад.
