Пред самиот пладневен термин, аеродромот во Нирнберг целосно го запре авиосообраќајот поради вонредна ситуација поврзана со еден авион. Како резултат на тоа, сите полетувања и слетувања се суспендирани до понатамошно известување, а патниците се повикани да ги следат официјалните информации од аеродромските власти.
Според официјалното соопштение на аеродромот, засега не се откриваат детали за инцидентот, но е најавено дека дополнителни информации ќе бидат објавени штом надлежните служби ја проценат состојбата.
Германскиот весник „Билд“ објави дека, според првичните информации, полицијата претпоставува дека вонредната ситуација се однесува на еден од авионите, но причината сè уште не е официјално потврдена. Полициски портпарол не можел да соопшти колку службеници се вклучени во акцијата, која е во тек.
Полициската интервенција започнала непосредно пред слетувањето на авион на компанијата „Корендон ерлајнс“, кој пристигнувал од грчкиот остров Крф. Летот XR456, според податоците на „Флајтрадар24“, безбедно слетал во 12:16 часот по локално време.
Во моментов не е познато дали има повредени лица или каков вид закана ја предизвикала вонредната состојба. Надлежните институции продолжуваат со проверките, додека авиосообраќајот на аеродромот останува во прекин.
