Косовски државјанин е лишен од слобода откако на граничниот премин Блаце, при царинска контрола, насилно го преминал преминот со автомобил во кој криумчарел дрога, при што го довел во опасност животот на царинскиот службеник кој го запрел за детална контрола.
Против него е поднесена кривична пријава поради основано сомнение за сторени кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори”, како и за „спречување службено лице во вршење службено дејствие”, двете казниви според Кривичниот законик.
Царинската управа соопшти дека при проверка на возилото, осомничениот противзаконски влегол во возилото и насилно ја преминал граничната линија, повлекувајќи го царинскиот службеник кој се обидел да го сопре.
Цариникот се здобил со лесни телесни повреди, а при бегството осомничениот фрлил кесата со дрога која е пронајдена и со вештачење е утврдено дека станува збор за опојна дрога марихуана со тежина од еден килограм.
