Засилено расте потребата од електричната енергија низ светот. Значи, цените ќе растат, а можно е да има и недостаток на струја.
Се подготува ли Македонија да одговори на овој предизвик?
Вчера премиерот Христијан Мицкоски на Светскиот економски форум во Давос беше дециден:
-Треба да ги рестартираме сите можеби заборавени енергетски проекти, како што се Чебрен и Галиште, Бошков Мост и останатите, истакна премиерот, додавајки дека треба храбро редефинирање на развојниот курс.
Добро е што се враќаат во игра големите хидроцентрали на Црна река, но мора да се размислува и за градење на гасни централи низ земјава. Од друга страна, време е, надлежните да го отворат и прашањето – може ли и треба ли Македонија да изгради нуклеарна централа? Дали е тоа преголем проект за нашата земја или сега кога техниката отиде напред и во светот се градат мали нуклеарни централи, тоа можеме да си го дозволиме?
Прашањето може делува смело, но нели треба храбро редефинирање? Не многу одамна во игра беше Македонија да коинвестира во бугарската нуклеарна централа Белене, но идеата пропадна. А проект за градење на нуклеарна централа во Мариово се разгледувала и во Југославија.
Едноставно, енергетските предизвици не тераат да се отворат и вакви прашања. И при тоа да не се заборава дека Македонија дава огромни пари за увоз на електрична енергија.







