До 18:00 часот денеска во Македонија се евидентирани вкупно 23 пожари на отворен простор, од кои осум се активни, еден е ставен под контрола, а 14 се целосно изгаснати, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Најсериозни се пожарите во општините Студеничани и Зелениково, каде огнот се шири на потегот меѓу селата Моране, Вртекица, Рамни Габер, Палиград и Вражале, зафаќајќи мешана шума.
Активен пожар има и во гостиварското село Трново, каде пламените јазици се движат кон селата Битово и Заград, зафаќајќи ниска вегетација и папрат. Пожари се регистрирани и над селото Нежилово во Општина Чашка, помеѓу селата Долно Чичево и Подлес во Општина Градско, кај прилепското село Коњаре, како и помеѓу резерватот „Јасен“ и селото Брезница во Општина Македонски Брод.
Во Кавадарци сè уште гори градската депонија „Мелци“, додека во Виница активен е пожар зад салонот за мебел „Мебел Ви“, каде е зафатена ниска вегетација.
Под контрола е пожарот во кичевското село Тајмиште, на месноста Дарда, каде гореше високостеблеста букова шума.
Во текот на денот целосно се изгаснати 14 пожари, меѓу кои во Сарај, Гостивар, Куманово, Берово, Струмица, Кичево, Струга, Делчево, Пробиштип, Гази Баба и Чучер Сандево. Во најголем дел станува збор за пожари на ниска вегетација, стрништа, депонии и ѓубре.
Надлежните служби остануваат на терен и продолжуваат со активностите за локализирање на преостанатите активни пожари, со цел да се спречи нивно понатамошно ширење.
