Во текот на денешниот ден, заклучно со 18:30 часот, на територијата на Македонија се регистрирани вкупно 21 пожар на отворен простор, од кои седум се активни, два се ставени под контрола, а 12 се целосно изгаснати.
Според надлежните служби, активни пожари има во општините Студеничани и Зелениково, Македонски Брод, Струмица, Сарај, Берово, Петровец и Гостивар, каде огнот зафатил мешана и нискостеблеста шума, како и ниска вегетација.
Под контрола се ставени два пожара – кај селото Тајмиште во Општина Кичево и кај селото Мегленци во Општина Битола.
Во меѓувреме, пожарникарите успешно изгаснале 12 пожари низ државата, меѓу кои и големиот пожар во атарот на делчевското село Бигла, каде гореа борова и дабова шума, како и ниска вегетација. Изгаснати се и пожарите во Струмица, Василево, Куманово, Јегуновце, Гостивар, Врапчиште, Демир Хисар, Пробиштип и Илинден.
Надлежните служби и понатаму остануваат на терен, а апелот до граѓаните е да бидат максимално внимателни и да не предизвикуваат пожари, особено во услови на високи температури и зголемен ризик од нивно брзо ширење.
