Директорот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), Џон Ретклиф, денеска пристигна во Москва, јавуваат американски медиуми повикувајќи се на неименувани извори. Ова е неговата прва позната посета на Русија откако ја презеде функцијата директор на ЦИА.
И покрај информациите за неговото пристигнување, ниту американските ниту руските власти засега официјално не ја потврдија посетата. Не е познато ниту со кого ќе се сретне Ретклиф, ниту кои теми ќе бидат разгледувани за време на престојот во руската престолнина.
Според достапните информации, американски воен транспортен авион „Боинг Ц-17А Глоубмастер III“ слетал на московскиот аеродром „Внуково“, откако претходно летал од базата „Ендрус“ во американската сојузна држава Мериленд, со меѓуслетување во Рига. По слетувањето, бил забележан и конвој од возила на американската дипломатска мисија, што дополнително ги засили шпекулациите дека во Москва пристигнал висок американски претставник.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, претходно изјави дека нема информации за слетувањето на американскиот воен авион и дека оваа недела не се планирани официјални средби меѓу Кремљ и претставници на американската администрација.
Ретклиф и претходно бил во контакт со руските разузнавачки служби. Тој бил директно вклучен во разговорите што во 2025 година доведоа до ослободување на американско-руската државјанка Ксенија Карелина.
Последниот директор на ЦИА за кого јавно беше потврдено дека ја посетил Москва беше Вилијам Бернс, кој престојуваше во Русија во ноември 2021 година, непосредно пред почетокот на руската инвазија врз Украина.
Посетата на Ретклиф доаѓа во период кога дипломатските напори за ставање крај на војната во Украина се во застој, додека Вашингтон и Москва продолжуваат да одржуваат комуникација преку различни дипломатски и безбедносни канали.
Во моментов нема официјални информации дали посетата е поврзана со војната во Украина, безбедносната соработка или други прашања од заеднички интерес.
