Ненад Димитријевиќ продолжува да ја потврдува улогата на лидер во дресот на Арис. Македонскиот репрезентативец беше најзаслужен за победата на грчкиот тим над Сан Пабло Бургос со 93:80 во второто коло од Еврокупот.
Арис на домашен терен во Солун стигна до важен триумф, а Димитријевиќ беше прво име во победничкиот состав. Македонскиот плејмејкер постигна 21 поен, запиша два скока и седум асистенции, покажувајќи дека е еден од клучните играчи на тимот.
Димитријевиќ на паркетот помина 20 минути, но и во ограничена минутажа успеа да остави огромен печат врз играта на Арис и да го предводи тимот до нова победа.
Средбата во Солун имаше и необична увертира. Натпреварот траеше околу два и пол часа поради навивачите на Арис, кои на почетокот фрлија големо количество конфети на теренот. Чистењето на паркетот траеше повеќе од 30 минути, по што дуелот можеше да продолжи.
