Македонската фудбалска репрезентација го насочува фокусот кон утрешниот дуел против Казахстан, а еден од најважните адути на селекторот Благоја Милевски повторно ќе биде сигурниот чувар на мрежата, Столе Димитриевски.
Голманот на Валенсија и овојпат се наоѓа во одлична форма, а неговите интервенции против Белгија беа клучни за освоениот бод. Очекувањата се исти и за натпреварот во Астана, каде Македонија ќе се обиде да излезе со позитивен резултат по напорното патување.
-Имавме долг и напорен пат до Астана, но атмосферата е одлична. Имаме позитивна енергија и подготвени сме да дадеме сè од себе. Сакаме повторно да одиграме цврсто и дисциплинирано, како против Белгија. Ќе биде тежок меч – многу потежок отколку што некои очекуваат. Но, ние сме фокусирани и максимално мотивирани да освоиме три бода, изјави Димитриевски.
Иако Казахстан на хартија делува како полесен противник, Димитриевски предупредува дека нема место за потценување.
-Имаат свои квалитети, сакаат да играат модерен фудбал, да создадат бројна надмоќ во нападот. Тоа значи дека ние мора да бидеме внимателни и дисциплинирани во секоја секунда. Ќе мора да бидеме целосно фокусирани – тоа е единствениот начин да излеземе како победници, додаде нашиот прв голман.







