Со читање на имињата на 22-те жртви, синоќа во Домот на културата „11 Октомври“ во Ченто беше одбележана десетгодишнината од катастрофалните поплави што во 2016 година ја погодија Општина Гази Баба. На комеморативниот настан беше оддадена почит на загинатите и испратена порака дека нивниот спомен никогаш нема да биде заборавен.
Градоначалникот Бобан Стефковски истакна дека и по една деценија болката на семејствата останува, а трагедијата е траен потсетник на последиците од природните непогоди. Тој нагласи дека комеморацијата не е само сеќавање на жртвите, туку и чин на достоинство, почит и благодарност кон сите кои помогнаа во најтешките моменти.
На настанот беа доделени плакети за благодарност на Министерството за внатрешни работи, Армијата на Република Македонија, Амбасадата на Соединетите Американски Држави, Амбасадата на Република Бугарија и Амбасадата на Република Туркије во Македонија. Признанија добија и поранешниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски, како и Тони Бојковски, координатор на Општина Гази Баба со институциите за справување со последиците од поплавите.
Според Стефковски, во деновите по катастрофата не постоеле поделби, туку единствена цел – спасување човечки животи и помош за погодените семејства. Тој истакна дека солидарноста, пожртвуваноста и заедништвото покажани тогаш остануваат пример за човечност. Градоначалникот порача дека жртвите никогаш нема да бидат заборавени и дека нивната трагедија треба да биде трајна опомена.
На комеморацијата присуствуваа претставници на институции, семејствата на загинатите и граѓани кои оддадоа почит на настраданите. Пред точно десет години, катастрофалните поплави во скопскиот регион однесоа 22 човечки животи и предизвикаа огромни материјални штети. Пораката од вечерашниот настан беше единствена – да не се заборават жртвите и никогаш повеќе да не се повтори ваква трагедија.
