Во Владата денеска ќе биде потпишан договорот меѓу Јавното претпријатие за државни патишта и Европската банка за обнова и развој за грант-средства за изградба на автопатот Скопје–Блаце. На потпишувањето ќе присуствува и ќе се обрати премиерот Христијан Мицкоски. Според најавите, со овој договор ќе се создадат услови градежните работи да започнат уште во текот на овој месец.
Вториот дел од автопатот, долг 10,5 километри, ќе го гради конзорциум предводен од домашната компанија „Гранит“. Вицепремиерот Александар Николоски очекува проектот да биде завршен за околу три и пол години. Новата делница ќе вклучува пет тунели, две галерии, 12 мостови и бројни придружни инфраструктурни објекти.
Автопатот Скопје–Блаце ќе биде долг вкупно 12,5 километри, при што првите 2,5 километри се градат од 2020 година. Владата оценува дека проектот конечно ќе го реализира патниот правец кој со години беше одложуван. Автопатот е дел од важниот регионален коридор што ја поврзува Македонија со Косово, а понатаму и со Црна Гора и пристаништето Бар. Се очекува новата сообраќајница значително да го подобри патничкиот и товарниот транспорт и економската поврзаност на регионот.
