Македонија денеска го одбележува 2 Август – Илинден, еден од најзначајните датуми во македонската историја и Денот на Републиката. Празникот го симболизира континуитетот на борбата за државност преку двата историски настана – Илинденското востание и Крушевската Република од 1903 година, како и Првото заседание на АСНОМ во 1944 година.
По повод државниот празник, низ земјава се организираат свечености во Крушево, Пелинце и Скопје.
Централната прослава ќе се одржи на Мечкин Камен во Крушево, каде што ќе се обрати потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски. Претседателот на Собранието, Африм Гаши, не присуствува на одбележувањето бидејќи учествува на конференција на претседатели на парламенти во Каиро.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе присуствува на свеченоста во Скопје, каде што ќе положи цвеќе пред споменикот на Методија Андонов-Ченто, првиот претседател на Президиумот на АСНОМ.
Во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце ќе бидат одбележани 82 години од Првото заседание на АСНОМ, а предвидено е обраќање и на премиерот Христијан Мицкоски.
На денешен ден во 1903 година околу 800 востаници го ослободиле Крушево, по што била формирана Крушевската Република со Никола Карев како нејзин претседател. Републиката траела десет дена, а нејзиниот крај бил означен со жестоката битка на Мечкин Камен, каде што загинал војводата Питу Гули.
Четириесет и една година подоцна, на 2 август 1944 година, во манастирот „Свети Прохор Пчињски“ било одржано Првото заседание на АСНОМ. На него биле поставени темелите на современата македонска држава, бил донесен македонскиот јазик како службен јазик и била усвоена Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот. Заседанието го отворил Панко Брашнаров, а Методија Андонов-Ченто бил избран за претседател на Президиумот на АСНОМ.
