Во текот на изминатото деноноќие во Македонија биле регистрирани 11 пожари на отворен простор, а според утринскиот извештај на Центарот за управување со кризи (ЦУК), до 7:30 часот нема активни пожари.
Од вкупниот број, 10 пожари се целосно изгаснати, додека еден е ставен под контрола.
Станува збор за пожарот кај селото Белица, во Општина Македонски Брод, на месноста Кајорец, каде што е зафатена нискостеблеста и мешана шума.
Овој пожар е активен веќе неколку дена, а во саботата во неговото локализирање учествуваа повеќе од 60 лица кои интервенираа истовремено од страната на Скопје и од Македонски Брод.
Во акцијата беа вклучени екипи на ЈП „Јасен“, како и тимови на Дирекцијата за заштита и спасување, кои дејствуваа со теренски возила „Пинцгауер“.
Според ЦУК, останатите 10 пожари се изгаснати на повеќе локации низ државата, при што најчесто гореле ниска вегетација, стрништа и отпад.
