Вардар ја оствари првата победа во новата сезона од Лигата на шампиони, откако на гостински терен го совлада француски Нант со убедливи 27-33 во рамки на петтото коло.
Во дуелот на два поранешни европски шампиони, македонскиот првак одигра фантастичен натпревар и од самиот почеток ја презеде контролата врз резултатот.
Нант поведе со 2-0, но Вардар брзо одговори, пред сè благодарение на цврстата одбрана и одличните интервенции на голманот Валах. „Црвено-црните“ во 11. минута веќе имаа предност од 5-8, а во продолжение стигнаа и до највисоки плус четири (7-11).
Валах беше еден од клучните играчи во првото полувреме, со девет одбрани, а избраниците на Иван Чупиќ успеаја да ја задржат предноста и на пауза да заминат со водство од 13-16.
Вардар продолжи во ист ритам и во вториот дел. Македонскиот тим во 41. минута стигна до предност од седум гола (17-24), а потоа разликата дополнително растеше.
„Црвено-црните“ во еден момент поведоа со 20-28, а десет минути пред крајот имаа огромни плус девет (22-31). Тузолана во 57. минута ја донесе највисоката предност од десет гола (23-33), со што практично беше решен победникот.
До крајот Нант успеа само да го ублажи поразот, но победата на Вардар не беше доведена во прашање.
Најефикасен кај Вардар беше Љевар со седум голови, Малус и Митровиќ постигнаа по шест, а голманот Валах блесна со дури 17 одбрани.
Со оваа победа, Вардар испрати силна порака во европската елита и покажа дека може да се носи со најдобрите тимови во Лигата на шампиони.
