Полицијата приведе четири лица од Тетовско и Кумановско, осомничени за кражби и тешки кражби, при што биле пронајдени оружје, муниција и повеќе предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривични дела.
Како што информира МВР, на 19 септември во 16:55 часот во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово, во координација со Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за општ и насилен криминал, ги лишиле од слобода С.У. (26) од село Долно Палчиште и А.Е. (34) од село Липково.
Двајцата се сомничат за сторени кривични дела „кражба“ и „тешка кражба“. Од А.Е. било одземено патничко возило „ауди“ со кумановски регистарски ознаки, а при претреси на неколку локации во атарот на селата Камењане и Палчиште биле пронајдени и одземени ловечка пушка, ловечки карабин, поголема количина муниција и повеќе предмети кои, според полицијата, потекнуваат од кривичните дела.
Истиот ден во 18:50 часот, по судска наредба, бил извршен претрес во дом и помошни простории кај Б.У. (26) од Долно Палчиште, по што и тој бил приведен.
Во продолжение на акцијата, на 20 септември во 02:20 часот во Полициската станица Тетово бил задржан и А.А. (34) од село Отља, општина Липково, кој претходно бил лишен од слобода од страна на полициски службеници од СВР Куманово. Од него било одземено возило „фолксваген поло“ со кумановски регистарски ознаки.
Сите четири лица се задржани во полициска станица, а по целосното документирање на случаите против нив ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
