Според последните податоци на Институтот за јавно здравје во земјава се регистрирани вкупно 38 случаи на западнонилска треска, од кои 36 се потврдени, а два се веројатни. Сите случаи се во скопскиот регион, а само еден е од Велес.
Досега се регистрирани четири смртни случаи со невроинвазивна форма на болеста.
Станува збор за машки лица на возраст од 62 до 83 години од Скопје, кои биле хоспитализирани во Клиниката за инфективни болети во Скопје. Кај три починати лица биле регистрирани коморбидитети, соопшти Министерството за здравство.
По прогласувањето епидемија на западнонилска треска во општините Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром и Бутел, се преземаат мерки за контрола на комарците.
Министерството за здравство ќе продолжи со засилени активности за информирање и заштита на населението во општините зафатени со зголемено присуство на случаи на западнонилска треска, паралелно со редовните мерки за контрола на популацијата на комарци.
