Бројот на ученици во основните и средните училишта во Македонија продолжува да опаѓа, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.
На почетокот на учебната 2024/2025 година, во редовните основни училишта биле запишани 180.627 ученици, што претставува намалување од 0,8 отсто во споредба со претходната учебна година.
Намалување има и во средното образование. Во редовните средни училишта биле запишани 67.143 ученици, односно 0,2 отсто помалку во однос на учебната 2023/2024 година.
Вкупно, основното и средното образование во земјава го посетувале 247.770 ученици. Податоците покажуваат дека падот е поизразен кај основците, што може да значи дека во наредните години ќе продолжи трендот на намалување и на бројот на средношколци.
Државниот завод за статистика не ги посочува директните причини за намалувањето, но бројот на ученици е тесно поврзан со демографските движења – намалениот број на новородени деца, иселувањето и преселувањето на семејствата.
Овој тренд може да има последици врз организацијата на наставниот процес, бројот на паралелки и потребата од наставен кадар, особено во помалите населени места.
Намалувањето на ученичката популација повторно го отвора прашањето за потребата од приспособување на образовната мрежа во согласност со долгорочните демографски промени во земјата.
