Од почетокот на функционирањето на системот „Безбеден град“ до 20 август 2026 година, во Македонија се евидентирани вкупно 310.865 сообраќајни прекршоци, информира Министерството за внатрешни работи.
Најголем дел од регистрираните прекршоци се однесуваат на управување со возила со поголема брзина од дозволената. Според податоците на МВР, од 2 февруари до 20 август биле забележани 301.835 случаи на пречекорување на дозволената брзина.
Значаен е и бројот на прекршоци направени од возила со странски регистарски таблички. Од почетокот на примената на системот, регистрирани се 180.378 прекршоци сторени од странски возила.
Само во периодот од 19 до 20 август, системот евидентирал дополнителни 5.514 прекршоци кај возила со странски регистарски ознаки.
Објавувањето на овие податоци доаѓа во период кога на граничниот премин Табановце се применува механизмот за проверка и санкционирање на странските возачи кои имаат претходно евидентирани прекршоци преку системот „Безбеден град“.
