Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска престојуваше во работна посета на СВР Охрид и Регионалниот центар за гранични работи Запад, каде со раководствата разговараше за актуелната безбедносна состојба и идните активности за унапредување на полициското работење.
При посетата, Тошковски соопшти дека подготовките за воспоставување на командниот центар во СВР Охрид се во завршна фаза, што е предуслов за имплементација на системот „Безбеден град“.
Според најавите, системот треба да почне со работа од 12 октомври и ќе ги опфати подрачјата на Охрид, Струга, Кичево и Дебар.
Министерот истакна дека во следните две недели треба да бидат завршени сите преостанати технички активности, по што командниот центар ќе биде целосно ставен во функција.
На работните состаноци се разговарало и за мерките против криминалот и корупцијата, сузбивањето на нелегалната трговија и трговијата со дрога, одржувањето на јавниот ред и мир, како и за подобрување на безбедноста во сообраќајот.
Тошковски информираше и дека е постигнат договор европската агенција за гранична и крајбрежна стража ФРОНТЕКС за првпат да ги прошири своите активности и на западната граница на Македонија.
