Македонската машка кошаркарска репрезентација ја очекуваат нови два предизвика во претквалификациите за пласман на Евробаскет 2029. Нашите сениори на 27 февруари ќе го пречекаат Луксембург на домашен терен, а на 2 март ќе гостуваат кај Азербејџан во Баку.
Во февруарскиот ФИБА прозорец селекцијата влегува со нов селектор – Хозеп Мариа Берокал, кој неодамна беше промовиран од страна на федерацијата. Македонија има максимален учинок во досегашниот тек од претквалификациите, со две победи на два натпревара, а задачата на Берокал ќе биде да го задржи победничкиот ритам.
Шпанскиот стратег на својата прва прес-конференција истакна дека за него претставува привилегија да ја води Македонија, иако времето за подготовка е кратко. Тој потенцираше дека тимот мора да размислува долгорочно, да работи на унапредување на составот и постепено да вклучува млади играчи кои ќе донесат свежина.
Берокал нагласи дека неколкумина од репрезентативците ги познава од претходно, меѓу кои и Владо Илиевски и Војдан Стојановски, и дека верува во потенцијалот на актуелниот состав. Според него, клучот е шампионски менталитет, максимална посветеност на секој тренинг и фокус на следниот предизвик.
Негов помошник ќе биде Ѓорѓи Кочов, кој повторно се враќа во стручниот штаб на националниот тим. Кочов истакна дека напредокот бара време и континуирана работа, но и подобрување на тренажниот процес и условите за развој на играчите.
Тој додаде дека клупската кошарка е темел на репрезентативната и дека сите тренери во земјата треба да придонесат за создавање подобри услови, со цел да се очекуваат и подобри резултати на национално ниво.







