Актуелниот македонски шампион Вардар не успеа да стигне до победа на гостувањето кај Башкими во Куманово, откако двата тима одиграа нерешено 3-3 во натпревар од 7. коло во Првата македонска фудбалска лига.
„Црвено-црните“ имаа негатива од два гола, успеаја целосно да го свртат резултатот со два погодоци на Горан Закариќ, но домашниот состав не се предаде и во финишот стигна до израмнување.
Башкими одлично го започна натпреварот и за краток период создаде значајна предност. Исмаили во 21. минута го отвори резултатот, а Да Силва во 33. минута зголеми на 2-0.
Домашните имаа можност да постигнат и трет погодок, но наместо тоа следуваше одговор од Вардар. Во 37. минута Давид Бабунски ја затресе мрежата на Башкими и го намали резултатот на 2-1.
Во второто полувреме Вардар заигра подобро, а главен актер беше Горан Закариќ. Босанскиот интернационалец во 70. минута со одличен индивидуален потег и прецизен удар израмни на 2-2.
Само две минути подоцна Закариќ повторно погоди, овојпат по асистенција од Спахију, со што Вардар направи целосен пресврт и поведе со 3-2.
Сепак, шампионот не успеа да ја задржи предноста до крајот. Башкими покажа голема борбеност и желба за позитивен резултат, а тоа му се исплатеше во 87. минута. Саити по брза акција од десната страна ја надмудри одбраната на Вардар и го постави конечниот резултат 3-3.
Со освоениот бод, Вардар стигна до 11 бода и останува на четвртата позиција на табелата, зад Шкендија, Струга Трим Лум и Тиквеш.
Башкими по ремито има четири освоени бода и се искачи на претпоследното место, со еден бод повеќе од Скопје, кој својот натпревар го игра во понеделник.
