Претседателот на Парагвај, Сантијаго Пења, денеска објави дека поднесува оставка од функцијата, откако банкарската криза во земјата прерасна во сериозна политичка криза, а во парламентот се водеа расправи за негово можно отповикување.
Во видео-обраќање објавено на социјалната мрежа Икс, Пења, кој беше избран за претседател во 2023 година, соопшти дека одлуката ја донел во интерес на државата.
„Одлучив да се повлечам од функцијата претседател на Републиката. Ова го правам имајќи ги предвид стабилноста на нашата земја, социјалниот мир и потребата да се зачуваат демократските институции“, порача Пења.
Оставката следува само два дена по избувнувањето на банкарската криза, кога Централната банка на Парагвај воведе привремена управа во банката „Уено“ поради сериозно влошување на нејзината финансиска состојба.
Поради кризата, сметките на клиентите во банката беа замрзнати, што предизвика проблеми со исплатата на пензиите и други финансиски трансакции. Состојбата доведе и до протести во главниот град Асунсион.
Според достапните информации, банката „Уено“ има околу 2,94 милиони клиенти, што претставува речиси 60 проценти од полнолетното население во Парагвај. Дополнителен политички притисок предизвика и фактот што Пења до неодамна поседувал акции во оваа финансиска институција.
