Шест лица, меѓу кои четворица возрасни и две деца, загинаа во тешка авионска несреќа откако мал авион од типот „Цесна 210“ се урна во Мексиканскиот Залив, во близина на американската сојузна држава Мисисипи. Меѓу жртвите се и две момчиња на возраст од осум и десет години, чии тела, заедно со телата на останатите патници, нуркачите ги пронашле во остатоците од авионот.
Несреќата се случила вчера попладне, меѓу градот Паскагула и островот Хорн, додека авионот летал од Њу Орлеанс кон Форт Мајерс на Флорида. Контролата на летање изгубила контакт со леталото околу 15 часот и 45
минути по локално време, откако авионот почнал нагло да ја губи височината со брзина од околу три илјади метри во минута.
Спасувачките екипи првично пронашле делови од авионот, три спасувачки елеци и сплав, но немало трага од патниците. По повеќечасовна потрага, нуркачите ги откриле телата на сите шест жртви во трупот на потонатиот авион. Американската крајбрежна стража изрази сочувство до семејствата
на загинатите, додека Федералната управа за воздухопловство и Националниот одбор за безбедност во транспортот започнуваат истрага за причините за трагедијата.
