На 24 август поранешниот вицепремиер Артан Груби ќе седне на обвинителната клупа, откако вчера Обвинителството поднесе обвинение против него и уште седум лица за злоупотреби поврзани со „Државна лотарија“.
Сите се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување, а предметот е распределен кај судијата Билјана Шуплиновска-Јовевски.
Обвинителството тврди дека со одлуката за набавка на видеолотариски терминали буџетот бил оштетен за околу 8,2 милиони евра. За Груби обвинението е преквалификувано во кривично дело за кое е предвидена максимална затворска казна до пет години, додека претходно во истрагата се гонеше за дело за кое беше предвидена казна до десет години.
Груби, кој по 14 месеци бегство во февруари се појави на граничниот премин Блаце, во моментов е во куќен притвор, а првото судско рочиште е закажано за 24 август во 10 часот.
