Поранешниот вицепремиер Артан Груби од денеска повеќе нема да биде во куќен притвор и ќе продолжи да се брани од слобода во предметот „Државна лотарија“.
Мерката куќен притвор му истекува по сила на закон, откако е достигнат максимално дозволениот рок од 60 дена за оваа фаза од постапката, согласно Законот за кривична постапка.
Иако Груби веќе нема да има ограничување на движењето во својот дом, тој и понатаму останува без патна исправа. Неговата одбрана веќе поднела барање за враќање на пасошот, нудејќи недвижен имот во вредност од 335.707 евра како гаранција дека ќе биде достапен пред надлежните институции.
За ова барање сè уште треба да се изјасни Основното јавно обвинителство Скопје, по што Кривичниот совет ќе треба да донесе одлука.
Груби е меѓу осумтемина обвинети во случајот „Државна лотарија“, каде обвинет е и поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами.
Според обвинението, тие се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување во врска со набавката на ВЛТ-апарати за потребите на Државна лотарија.
Истекувањето на мерката куќен притвор не значи прекин на постапката, туку Груби ќе продолжи да ја докажува својата одбрана во рамки на судскиот процес.
