Арсими и Тиквеш одиграа нерешено 1-1 во последниот натпревар од 10. коло во Првата македонска фудбалска лига. Средбата во Гостивар понуди динамична игра, отворен фудбал и голем број прилики на двете страни, па поделбата на бодовите беше реален епилог.
Гостите од Кавадарци подобро го започнаа натпреварот и први се заканија преку Лавал и Сила, но Арсими постепено ја презеде контролата и почна поопасно да атакува.
Домашниот тим во 24. минута постигна гол преку Гаје, но погодокот беше поништен поради офсајд. Сепак, Арсими стигна до водство во 38. минута. Каба ја искористи грешката на одбраната на Тиквеш, се ослободи од чуварите и со прецизен удар од далечина го совлада гостинскиот голман за 1-0.
Тиквеш не чекаше долго за одговор и до паузата успеа да израмни. По одличен индивидуален продор, Лавал го проигра Сила, кој со атрактивен удар во горниот дел од голот го совлада Силјановски за 1-1.
Во второто полувреме двата тима продолжија со напади и шанси. Рамадани во 56. минута пропушти голема можност за пресврт, откако со глава шутираше покрај голот.
Арсими во 74. минута бараше пенал поради игра со рака на Лавал, но по прегледувањето на ВАР-снимката судијата не покажа на белата точка.
Тиквеш беше најблиску до втор гол во 81. минута, кога Окере со силен удар од околу 20 метри ја погоди пречката. Само неколку минути подоцна и Арсими имаше одлична шанса за победа, но Стевковски го спречи ударот на Дошев.
До крајот мрежите мируваа, па Арсими и Тиквеш освоија по еден бод во натпревар во кој и двата состави имаа доволно можности за триумф.
