Британскиот премиер Енди Барнам смета дека забраната за консумирање алкохол на трибините на фудбалските стадиони е застарена и дека треба да се разгледа нејзино укинување, најпрво преку пилот-програма.
Актуелното правило е во сила од 1985 година и забранува навивачите да пијат алкохол на местата од кои директно имаат поглед кон теренот на натпреварите во првите пет нивоа на машкиот англиски фудбал.
Иако на стадионите и понатаму може да се купи пиво, навивачите мора да го консумираат во делови од објектите каде што немаат директен поглед кон игралиштето.
Барнам оценува дека фудбалските навивачи се ставени во нерамноправна положба во однос на посетителите на други спортски настани, како рагби и крикет, каде што во најголем дел е дозволено пиење алкохол додека трае натпреварот.
Иницијативата веќе доби поддршка од Фудбалската лига и од навивачките организации, кои сметаат дека правилата треба да се модернизираат.
Во женскиот фудбал веќе е направен чекор во таа насока. По успешниот 18-месечен тест-период, од оваа сезона навивачите можат да консумираат алкохол и додека го следат натпреварот од своите места.
Сепак, полициските служби предупредуваат дека евентуалната промена мора да биде внимателно разгледана, со цел да се проценат можните ризици, бидејќи алкохолот често се поврзува со инциденти и нарушување на јавниот ред на фудбалските натпревари.
