Во Албанија стапија во сила измените на Законот за сообраќај, со кои значително се заоструваат казните за прекршителите со цел да се зголеми безбедноста на патиштата и да се намали бројот на сообраќајни несреќи.
Најстрогата мерка предвидува трајно одземање на возачката дозвола за возачите кои повторно ќе бидат затекнати како управуваат возило под дејство на алкохол со повеќе од 0,5 промили, откако претходно биле казнети или предупредени.
Построги санкции се воведуваат и за лицата што управуваат возило без возачка дозвола, а малолетниците затекнати зад волан ќе можат да се запишат во автошкола дури по навршени 20 години. Новите правила
предвидуваат и ограничување за младите возачи, кои нема да смеат да возат на автопат со брзина поголема од 90 километри на час, како и забрана за ноќно возење за лица до 21 година.
Дополнително, возачите кои двапати во рок од една година ќе бидат фатени како користат мобилен телефон додека возат ќе останат без возачка дозвола три месеци, а истата забрана важи и за велосипедистите, возачите на мопеди и електрични тротинети.
За пребрзо возење во населени места,
во близина на училишта и за опасно возење се предвидени парични казни од 20.000 до 60.000 леки, додека можноста одземањето на дозволата да се замени со плаќање двојна казна е укината.
Од албанската полиција порачаа дека приоритет е превенцијата и спасувањето човечки животи, најавувајќи засилени контроли на патиштата и користење полициски дронови.
