Голема полициско-царинска акција со кодно име „Филтер“ се спроведува денеска на повеќе локации низ земјава поради сомневања за организиран шверц на големи количини цигари.
Според неофицијални информации, во досегашниот тек на акцијата се приведени 13 лица, а претреси се вршат на повеќе од 20 локации во Гевгелија, Валандово, Струмица, Дојран, Велес и Скопје.
Во истрагата се опфатени повеќе физички лица, но и компании поврзани со шпедиција, транспорт и увоз. Меѓу лицата за кои постојат сомневања, според неофицијалните информации, има и припадници на полициски и царински служби.
Акцијата е резултат на подолготрајна истрага спроведена од Царинската управа, преку Секторот за контрола и истраги и Одделението за истраги, во координација со Министерството за внатрешни работи, Бирото за јавна безбедност и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Во рамки на истрагата биле документирани повеќе случаи за кои постојат сомневања дека преку организирана шема биле внесувани и дистрибуирани големи количини цигари, при што биле избегнати царински и други давачки во вредност од неколку милиони евра.
Надлежните институции продолжуваат со претресите и останатите истражни дејствија, а по завршувањето на акцијата се очекуваат официјални информации со повеќе детали за случајот, приведените лица и кривичните дела за кои се товарат.
