Американскиот носач на авиони „УСС Абрахам Линколн“ го започна враќањето кон САД по продолжената мисија на Блискиот Исток и учеството во американските операции за време на војната со Иран. Неговите задачи во регионот ги презема „УСС Џорџ Вашингтон“, кој на 19 август пристигна во зоната на Централната команда на американската армија. „Абрахам Линколн“ исплови од Сан Диего во ноември минатата година, а
неговата мисија подоцна беше продолжена поради конфликтот со Иран.
Околу 5.000 морнари и маринци поминаа повеќе од 250 последователни дена на море, што предизвика загриженост за исцрпеноста и психичката состојба на екипажот. Во американските медиуми беа објавени и информации за проблеми со снабдувањето со храна и вода, санитарните услови и падот на моралот меѓу дел од морнарите. Загриженост изразија и семејствата на членовите на екипажот, а од Пентагон беа побарани одговори за условите на бродот и должината на мисијата.
Со пристигнувањето на „Џорџ Вашингтон“ е овозможена ротација и враќање на „Линколн“, иако носачот сè уште се наоѓа во поширокиот регион на Блискиот Исток. Патувањето до САД ќе трае повеќе недели, со што за неговиот екипаж ќе заврши една од најдолгите американски поморски мисии во поново време.
