Поголеми реформи во училиштата под градска надлежност најави кандидатот за градоначалник на Скопје од Левица, Амар Мециновиќ, кој во својата објава истакна дека ќе продолжи во насока на подобрување на условите за средношколците.
„Благодарение на Левица денес средношколците од социјално ранливи категории имаат бесплатни екскурзии, во училиштата се воведени сензорни соби за деца со попреченост, а надоместокот за образовните асистенти е зголемен од 9.000 на 18.000 денари“, објави кандидатот за градоначалник на Скопје од Левица, Амар Мециновиќ.
Од друга страна, како што нагласи тој, дел од иницијативите не биле поддржани од мнозинството во Советот, предводено од ВМРО-ДПМНЕ.
Мециновиќ објасни дека меѓу нив се иницијативите за вработување на училишни чувари наместо користење на приватни обезбедителни фирми, бесплатни часови по странски јазици, спорт и информатика, забрана за отворање угостителски објекти во училишни дворови, како и транспарентна супервизија на тендерите за ученички екскурзии.
