Ракометарите на Алкалоид обезбедија пласман во осминафиналето на ЕХФ Европскиот куп, и покрај поразот од Горење Велење со 29-23 на реванш-натпреварот од третото коло, одигран во Словенија.
Македонскиот претставник успеа да ја одбрани предноста од девет гола стекната на првиот натпревар во Скопје, каде што славеше со убедливи 32-23. Со вкупен резултат од 55-52, Алкалоид обезбеди место меѓу најдобрите 16 екипи во натпреварувањето.
Горење Велење на полувремето имаше предност од 13-11, а во продолжението од натпреварот словенечкиот состав дополнително ја зголеми резултатската разлика.
Домаќините го добија второто полувреме со 16-12 и на крајот славеа со шест гола разлика, но тоа не беше доволно за да ја анулираат високата негатива од првата средба во македонската престолнина.
Најефикасен во редовите на Алкалоид беше словенечкиот интернационалец Нејц Цехте со шест погодоци, додека Никола Костески, Марко Митев и Дамјан Митев постигнаа по три гола. Голманот Марко Кизиќ го заврши натпреварот со шест одбрани.
Во составот на Горење Велење најдобри стрелци беа Тилен Соколиќ и Олексиј Јанковски, кои постигнаа по шест погодоци.
Со пласманот на Алкалоид, Македонија ќе има два претставника во осминафиналната фаза на ЕХФ Европскиот куп, откако претходно место меѓу најдобрите 16 екипи обезбеди и Охрид, актуелниот освојувач на трофејот.
Алкалоид и Охрид своите следни европски противници ќе ги дознаат во вторник, на 1 декември, кога ќе се одржи ждрепката за осминафиналето.
Првите натпревари од осминафиналната фаза се закажани за 13 и 14 февруари, додека реваншите ќе се одиграат на 20 и 21 февруари 2027 година,
