Реформите во образованието, позитивната оценка во извештајот на Европската комисија, како и проширувањето на капацитетите за згрижување деца во градинките беа во фокусот на пратеничките прашања што пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Ангелова, ги постави на денешната собраниска седница.
Ангелова упати прашања до министерката за образование и наука и до министерот за социјална политика, демографија и млади, барајќи конкретни информации за досегашните резултати, реализираните проекти и идните планови на двете министерства.
Во своето обраќање, пратеничката го истакна значењето на образованието како основа за развојот на државата и создавањето еднакви можности за сите деца, независно од нивната семејна и социјална положба.
„Образованието не е само процес на стекнување на знаење, ниту пак само еден од многуте владини политики, образованието е темелот врз кој ја градиме иднината на нашата држава, но и можноста секое дете без разлика од кое семејство доаѓа и во какви услови расте да го оствари својот потенцијал“, рече Ангелова.
Таа се осврна на позитивната оценка во извештајот на Европската комисија за напредокот во образованието, барајќи од министерката да ги посочи конкретните реформи, постигнувања и резултати кои придонеле за ваквата оценка.
Ангелова побара одговор и за тоа на кој начин позитивните промени во образовниот систем ќе се одразат врз секојдневието на учениците, студентите, наставниците и младите.
Второто пратеничко прашање беше посветено на отворањето нови детски градинки, проширувањето на постојните капацитети и обезбедувањето еднаков пристап до предучилишно образование и згрижување на децата низ целата држава.
Пратеничката нагласи дека детските градинки имаат значајна улога во раниот детски развој, социјализацијата, стекнувањето навики и развивањето на потенцијалот на најмладите.
„Секое дете заслужува безгрижно детство, сигурна средина, љубов, внимание и можност за правилен раст и развој, а секој родител заслужува спокојство и сигурност дека неговото дете е згрижено во безбедна и квалитетна институција“, истакна Ангелова.
Таа побара од министерот за социјална политика, демографија и млади да презентира конкретни податоци за општините и населените места во кои се отворени нови градинки, бројот на дополнително обезбедени места за згрижување деца, како и динамиката на проширување на постојните капацитети.
Ангелова праша и дали досегашните резултати покажуваат дека станува збор за најинтензивниот процес на отворање и проширување на детските градинки во државата.
Посебен интерес пратеничката покажа и за идните инвестиции, општините во кои се планира изградба на нови градинки, како и конкретните мерки што Министерството ќе ги преземе за секое дете да има достапно место во градинка, без разлика во кој дел од Македонија живее.
