Обилните снежни врнежи што во текот на ноќта ја зафатија Словенија предизвикаа сериозни проблеми во сообраќајот, бројни сообраќајни несреќи, километарски застои и затворање на неколку патни правци.
Наталожениот снег, ниските температури и лизгавите коловози значително го отежнуваат движењето на возилата, а особено проблематична е состојбата на автопатските делници каде што дошло до лизгање на товарни возила.
Крајбрежниот автопат меѓу Унец и Равбаркоманда, во правец кон Копер, е целосно затворен за сообраќај поради лизгање на камиони. Полициските службеници на оваа делница ги исклучуваат товарните возила од сообраќај.
Целосно затворен е и патниот правец Словењ Градец – Дравоград, во близина на Шентјанжа.
Проблеми се регистрирани и на автопатот Долењска, во близина на Вишња Гора и Грошупље, кај раскрсницата Бич, како и на делницата меѓу одморалиштето Старине и Ново Место, каде што сообраќајните несреќи и лизгањето на товарните возила предизвикуваат застои.
Отежнато е движењето и на автопатот Штаерска, меѓу Луковица и Благовица, пред тунелот Лочица и кај излезот Снеберје. Задржувања се регистрирани и на автопатот Помурје.
Снежните врнежи ги зафатија и пониските предели во Словенија, додека на планинските превои условите за возење се особено тешки, поради што е задолжителна употребата на синџири за снег.
Надлежните служби апелираат до возачите да бидат максимално внимателни, да ја приспособат брзината на условите на патиштата и да не тргнуваат на пат без соодветна зимска опрема.
На граѓаните им се препорачува пред поаѓање да ја проверат актуелната состојба на патните правци и да бидат подготвени за подолги задржувања поради неповолните временски услови.
