Соединетите Американски Држави одобрија можна продажба на опрема и услуги за одржување на украинските борбени авиони Ф-16 во вредност од 621,9 милиони долари, но за набавката нема да бидат потрошени
американски пари. Целокупниот износ ќе го обезбедат Белгија, Данска, Холандија и Норвешка, преку меѓународната програма ЈУМПСТАРТ, наменета за воена поддршка на Украина.
Според соопштението на американскиот Стејт департмент, пакетот опфаќа специјализирани пиротехнички уреди за авионските системи, лабораториска опрема и транспортна поддршка, а ќе биде дополнување на претходно
одобрен договор. Американските власти оценуваат дека набавката ќе ја зајакне украинската противвоздушна одбрана и ќе ѝ овозможи на земјата поефикасно да одговори на руските воздушни напади.
Одлуката доаѓа во момент кога Украина се соочува со сериозни предизвици во одржувањето на својата флота борбени авиони од американско производство. Според информациите што претходно ги објави „Волстрит журнал“, повеќе од половина од украинските Ф-16 биле приземјени поради недостиг од резервни делови и доцнење на сервисирањето, а проблемите би можеле да се прошират на целата флота до крајот на годината. Украинските
власти ги отфрлија тврдењата за толку сериозна состојба, но признаа дека одредени компоненти повеќе не се произведуваат и тешко се набавуваат.
Украина ги доби првите борбени авиони Ф-16 во 2024 година, две години по почетокот на руската инвазија, а денес ги користи за одбрана од ракетни напади и беспилотни летала.
