Облачно и врнежливо време ќе преовладува денеска во Македонија, со повремени врнежи од дожд, кои ќе бидат поинтензивни во западните делови од земјава. На овие подрачја се очекува да наврнат над 30 литри дожд на квадратен метар.
Ќе дува умерен ветер од јужен правец, кој на одредени места повремено ќе се засилува.
Во Скопје времето ќе биде облачно со повремени врнежи од дожд, проследени со слаб до умерен јужен ветер, објави 4news.mk.
Под влијание на циклонска активност, од вечерните часови следува период на претежно облачно време со пообилни врнежи, кои ќе продолжат до недела. На одредени места вкупното количество воден талог во текот на овој период се очекува да надмине 80 литри на квадратен метар.
Позначителна промена на временските услови се очекува за време на викендот, кога под влијание на продор на студена воздушна маса од север ќе дојде до намалување на температурите.
На некои повисоки места врнежите од дожд постепено ќе преминуваат во снег, додека на планините ќе има исклучиво врнежи од снег, при што ќе се формира нова снежна покривка.
Врнежливото и студено време ќе се задржи до крајот на викендот, а од почетокот на следната работна седмица се очекува постепено стабилизирање на временските услови.
Времето тогаш ќе биде променливо облачно, со сончеви периоди.
